Како правилно да реагирате при срцев удар – совет од кардиолог
Иако срцевиот удар е честа појава, многумина не знаат како да помогнат кога некој во нивна близина ќе се соочи со него. Кардиологот д-р Живан Димитријевиќ посочува дека клучниот чекор додека се чека брза помош е да му се даде на пациентот 500 милиграми аспирин. „Најдобро е таблетата да се стопи во устата, бидејќи така побрзо влегува во крвотокот и го спречува создавањето тромб“, вели тој.
Ако процените дека можете побрзо сами да го однесете пациентот во болница отколку што ќе пристигне Брзата помош, веднаш тргнете – првите два часа се критични за спасување на срцевиот мускул.
Дополнително, ако има при рака, може да се даде нитроглицерин, но со лекови за притисок како нифелат треба да се биде внимателен – тие може да предизвикаат забрзано чукање на срцето.
За полесно препознавање на инфаркт, д-р Димитријевиќ советува: „Ако личноста ја притиска дланката врз градите и изразува силна болка, тоа е речиси сигурен знак за инфаркт. Ако, пак, со еден прст покажува каде точно ја чувствува болката – веројатно не е срцев удар.“
Најважниот совет, според докторот, е: не губете време – брзината може да спаси живот. Истото важи и за мозочен удар.