Писмото на францускиот император Наполеон во кое тој наводно не се согласува со апсењето на папата Пиј VII, а коешто самиот го наредил, е продадено на аукција во Фонтенбло во неделата за 26.360 евра, објави аукциската куќа Osenat, која ја организираше продажбата.
Станува збор за вистински „политички маневар“ – писмото од 23 јули 1809 година, потпишано со „Napole“, што веројатно е деминутив од Наполеон, чија вредност се проценуваше на 12.000 до 15.000 евра, претходно изјави за AFP, Жан-Кристоф Шатење, партнер и директор на Одделот за доцнофранцуски класицизам во времето на Наполеон I, попознат како „империја“.

„Ова апсење бил еден од настаните што го одбележаа владеењето на Наполеон на политичко и религиозно ниво. Наполеон знаеше дека писмото ќе биде дистрибуирано и дека е наменето за сите власти“, објасни Шатење.
Во него, Наполеон му се обраќа на надканцеларот Жан-Жак-Режис Камбасерес и пишува: „Папата беше одведен од Рим против моите наредби и без моја согласност; тој исто така беше одведен во Франција против моите наредби и без моја согласност. Но за ова не бев информиран десет или дванаесет дена откако сè е реализирано“, напишал Наполеон.
„На овој начин, тој сака да го демонстрира својот авторитет без никој да може да го лиши од веродостојност“, објасни Шатење.
Наполеон ја искористил можноста и ја презел контролата врз дел од Папската држава, особено пристаништата, и ги испратил своите трупи во Рим на 2 февруари 1808 година, а ги протерал странските кардинали во март.
Папа Пиј VII на крајот бил уапсен во Ватикан кон крајот на јули 1809 година, приведен во Гренобл и испратен во Италија на 1 август, за да заврши во домашен притвор во Савона а потоа во Фонтенбло, по барање на Наполеон. За време на затворањето на Пиј VII бил под постојан притисок од Наполеон. Едно од барањата на царот било поништување на неговиот брак, што папата категорично го одбил. И покрај тоа, Наполеон се развел и се оженил со австриската надвојвотка Марија Луиза.
„На овој начин, францускиот император имал намера дополнително да го зајакне своето влијание врз католичката вера и тој оркестрирал сè уште од неговото крунисување во Нотр Дам. Тој се крунисал таму, иако оваа задача обично ја извршува Светиот Отец“, потсетува францускиот експерт.