Велигденскиот пост трае 48 дена и завршува на Велигден, кој оваа година паѓа на 20 април. Освен бројните обичаи што се строго почитувани меѓу верниците, постои и молитва која треба да се кажува секој ден во текот на овие седум недели за да се добие сила за издржливост во постот.
Велигденскиот пост, познат и како Велик пост, е време за духовно прочистување, покајание и приближување кон Бога преку воздржување, молитва и добри дела.
Во текот на Велигденскиот пост, верниците треба да се воздржуваат од мрсна храна, особено месо, млеко, јајца и слични производи. Маслото и виното се дозволени во сабота и недела, додека рибата е дозволена на Благовештение и Цветници.
Но, покрај физичкиот пост, големо внимание се посветува и на духовниот пост – воздржување од лоши мисли, дела и зборови, како и посветување на молитвата и практикување на добри дела.
Исто така, важно е секој ден да ја кажувате оваа молитва:
„Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“!
Овие свети зборови ни даваат сила да ги надминеме сите сомнежи и несигурности за време на постот и да ја зајакнеме нашата решителност да истраеме.