Масивен податочен пропуст откри дека десетици милиони интернет налози се изложени, при што Gmail корисниците се најзагрозени. Истражувачот за сајбер безбедност, Jeremiah Fowler, открил база со податоци која содржи 149 милиони компромитирани кориснички имиња и лозинки.
„Прегледав илјадници фајлови со е-пошта, кориснички имиња, лозинки и линкови за најразлични налози,“ изјави Fowler, додавајќи дека овие податоци беа оставени слободно достапни на интернет, што значи дека било кој можел да пристапи до налозите на милиони луѓе ширум светот.
Најголем број компромитирани налози биле од Gmail – околу 48 милиони, потоа Facebook со 17 милиони, Instagram 6,5 милиони, Yahoo Mail 4 милиони, Netflix 3,4 милиони и Outlook 1,5 милиони. Други засегнати услуги вклучуваат iCloud, TikTok, OnlyFans, Binance и едукативни акаунти (.edu).
Fowler предупреди дека секој кој мисли дека неговиот уред можеби е заразен со малвер, треба веднаш да преземе мерки: ажурирање на оперативниот систем, инсталирање или освежување на безбедносен софтвер и скенирање за сомнителни активности.
Корисниците треба и да ги прегледаат дозволите за апликации, поставките и инсталираните програми, како и да преземаат апликации само од официјални продавници.
Овој инцидент е сериозен предупредувачки сигнал за сите корисници на интернет: сега е моментот за ревизија на безбедноста на вашите налози и промена на лозинки, пред да биде предоцна.

















