Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ ја презема биотехнолошката компанија „Метсера“, која развива терапии за слабеење, во договор вреден 7,3 милијарди долари. Со оваа стратегиска аквизиција, „Фајзер“ се обидува да заземе водечка позиција на брзорастечкиот и профитабилен пазар за третмани против дебелина.
Компанијата најави дека ќе плати 47,50 долари по акција во готово, што претставува премија од околу 43% во однос на последната цена на затворање на берзата. Освен тоа, „Метсера“ ќе има право и на дополнителни 22,50 долари по акција, доколку ги исполни одредени деловни цели.
Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, изјави дека оваа аквизиција претставува важен чекор напред за компанијата.„Со оваа аквизиција, „Фајзер“ го засилува своето присуство во кардиометаболичкиот сектор, користејќи ги глобалните ресурси за забрзување на развојот на иновативни третмани против дебелина“, рече Бурла.
Овој потег доаѓа во чувствителен момент за „Фајзер“, која во април 2025 година го стопираше развојот на лекот дануглипрон, откако клиничките испитувања открија можни несакани ефекти – потенцијално оштетување на црниот дроб кај пациент, чие здравје се подобрило по прекинот на терапијата.
Со купувањето на „Метсера“, „Фајзер“ се надева дека ќе се врати во трка со конкурентите како „Ново Нордиск“ и „Ели Лили“, кои веќе ги предводат терапиите базирани на GLP-1 – класа на лекови што доживуваат огромна побарувачка на глобално ниво.
Според проценките на аналитичарите, глобалниот пазар за лекови за контрола на телесната тежина би можел да достигне вредност од 150 милијарди долари до почетокот на 2030-тите. Сепак, растот на овој пазар ќе зависи од неколку клучни фактори: цената на терапиите, достапноста, осигурителната покриеност и регулаторните политики.