Игор Џамбазов, во своето гостување на подкастот „Претрес“ со новинарот Ландов, искрено и отворено зборуваше за својот близок пријател Тоше Проески, за неговото влијание, генијалност, но и за трагичната несреќа што, според Џамбазов, можела да се избегне.
„Тоше направи повеќе за Македонија отколку сите министри за надворешни работи од осамостојувањето до денес“, категорично изјави Џамбазов, истакнувајќи дека неговото влијание и љубовта што ја добиваше од целиот Балкан и Европа, сеуште е присутна. Спомена дека Тоше имал и сè уште има огромни фан клубови во Хрватска и Словенија, што сведочи за неговата трајна популарност надвор од земјата.
„Тој не го сакаа само соседите – го сакаше целиот Балкан“, рече Џамбазов, додавајќи и дека Тоше не бил доволно ценет дома, слично како легендарната група „Леб и сол“, кои исто така биле повеќе ценети надвор отколку во татковината.
Меѓу најконтроверзните, но и најемотивни моменти од интервјуто беше откривањето на неговото мислење за трагичната несреќа, каде Џамбазов директно ја посочи менаџерката Лилјана Петровиќ како лице кое, според него, носела дел од одговорноста.
„Грешката ја направи Лилја. Не смееше да дозволи толкава ѕвезда, со договор вреден 2 милиони фунти, да биде возен од својот најдобар другар. Требаше да има професионален возач.“
Според него, целата ситуација била неодговорна, бидејќи Тоше се плашел од летање, но токму затоа, вели Џамбазов, менаџерот мора да преземе одговорност и да организира сигурен превоз, без компромис.
„Ако не се случеше тогаш, ќе се случеше подоцна. Немаше да се избегне без професионален возач“, додаде тој, со горчливо сожалување.
Игор исто така откри дека и самиот ја научил лекцијата од тоа што се случи со Тоше, па веќе со години наназад ангажира професионален возач, кој го враќа безбедно дома.
Сепак, тој потенцира дека не верува дека Лилјана ја донела одлуката од финансиски причини, туку од емоционален однос и дозвола Тоше сам да одлучува, несвесен за својата величина.
„Не верувам дека сакала да заштеди 200-300 евра. Само му дозволи да одлучува, а не требаше. Не беше свесен колкава ѕвезда е.“
Настапот на Џамбазов беше длабоко личен, искрен и емотивен – сведоштво за загуба која сè уште боли, но и за лекциите што треба да се научат за идните генерации на ѕвезди и јавни личности.