Витаминот Ц е една од најважните хранливи материи за здравјето на нашето тело. Игра клучна улога во зајакнувањето на имунитетот, одржувањето на здрава кожа, крвни садови и ткива, а исто така помага при апсорпција на железо.
Во повеќето случаи, доволни количини на витамин Ц може да се внесат преку здравата исхрана. Сепак, понекогаш може да се појави недостаток, што обично се должи на лоши навики во исхраната, одредени здравствени состојби или фактори од животниот стил кои го попречуваат внесувањето на овој витамин. Недостатокот на витамин Ц често се манифестира преку симптоми што не секогаш се поврзуваат со оваа состојба.
Некои од првите знаци на недостаток на витамин Ц се постојан замор, слабост и исцрпеност, дури и по одмор. Ако лесно добивате модринки или ако раничките заздравуваат побавно, тоа може да укажува на ослабени крвни садови, што е чест знак за недостаток на витамин Ц. Понатаму, ако кожата е сува, груба или се лупи, ова може да биде индикатор дека телото нема доволно од овој важен антиоксиданс. Ако влакната на нозете, рацете или други делови од телото станат кршливи и извиткани, тоа може да биде резултат на долготраен недостиг на витамин Ц.
Здравјето на непцата исто така е поврзано со внесот на витамин Ц. Црвените, отечени или крвави непца се јасен знак дека нивото на овој витамин е ниско. Слабоста на ѕидовите на крвните садови може да доведе до проширени вени, особено на нозете, иако витаминот Ц помага да се зајакнат вените.
Недостатокот на витамин Ц може да предизвика и воспаление во телото, што се манифестира како болка во зглобовите и мускулите. Овој витамин има и влијание врз менталното здравје, бидејќи ниското ниво може да предизвика промени во расположението, раздразливост и чувство на вознемиреност.
Иако недостатокот на витамин Ц не е честа појава кај луѓето кои имаат разнолика исхрана, важно е да се препознаат навреме знаците на дефицит. За оптимално здравје, важно е да се обрне внимание на промените во телото и да се збогати исхраната со свежо овошје и зеленчук, со цел да се избегнат компликации поврзани со недостатокот на овој витамин.