Впечатлив син дијамант од 10,03 карати, познат под името „Медитерански син дијамант“, беше продаден на аукција во Женева за вкупно 21,5 милиони американски долари (околу 19,1 милион евра), соопшти аукциската куќа Сотби.
Иако првично беше проценет на 20 милиони долари, овој редок скапоцен камен предизвика голем интерес меѓу колекционерите. Сепак, дел од експертите ја оценија продажбата како помалку импресивна од очекуваното.
„Цената ја надмина проценетата вредност, што укажува на солиден интерес. Но, глобалната неизвесност – особено трговските тензии меѓу САД и Кина – веројатно влијаеше на самодовербата на понудувачите“, изјави Тобијас Корминд, директор на 77 Diamonds, најголемиот европски онлајн трговец со дијаманти.
Аукциската битка за дијамантот започнала со понуда од девет милиони швајцарски франци и траела речиси три минути, со интензивно наддавање меѓу двајца понудувачи. Каменот на крајот го купил приватен американски колекционер, чиј идентитет не беше објавен.
Дијамантот неодамна беше откриен во прочуениот рудник Кулинан во Јужна Африка — локација позната по некои од највредните и најголеми дијаманти во светот. Дијамантот првпат беше изложен на почетокот на април, на специјално претставување во Абу Даби.
Сините дијаманти се меѓу најретките и најбараните на глобалниот пазар, не само поради нивната извонредна боја и природно потекло, туку и поради нивниот статус како симбол на ексклузивност и луксуз.