Домашниот ајвар станува сè поатрактивен избор за македонските купувачи, иако цената му е повисока од купечкиот. Тегла домашно приготвен ајвар се продава од 400 до 600 денари, во зависност од големината и рецептите, а цената се движи според трошоците за пиперките, модри патлиџани, масло, дрва и струја.
Производителите објаснуваат дека за 15 до 20 тегли ајвар им се потребни околу 50 килограми пиперки и 10 до 15 килограми модар патлиџан, што значи трошок од 6.000 до 8.000 денари, но при продажба по 500 денари за тегла, добивката изнесува 2.000 до 4.000 денари за два дена макотрпна работа.
Муштериите велат дека домашниот ајвар е многу повкусен од купечкиот, бидејќи се приготвува според традиционални рецепти и по желба на купувачите – со различни комбинации на пиперки, модар патлиџан или пикантен вкус. Мали и поголеми производители, како Цветан од Прилеп, велат дека постојаните нарачки се доказ дека домашниот ајвар ја оправдува цената и вложениот труд.
Цените во маркетите се значително пониски – од 130 до 400 денари, но според купувачите вкусот никогаш не може да се спореди со домашниот ајвар, кој се бара и од странските туристи што ја посетуваат Македонија.