Во новоотворениот простор на „Македонска“ бр. 30, започна со работа нашиот Културно-информативен центар во Белград. Првата програмска активност, пред бројната белградска публика ја поздравија и настанот заеднички го отворија директорот на Центарот, Васко Шутаров и нашиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески.

– Посакувам овој наш дом на македонската култура да биде место каде постојано ќе се облагородува емоцијата помеѓу македонската и српската култура и каде секој оној што ќе посака да ја стопли душата со македонска емоција, да ја осети длабочината на македонската лирска душа и динамизмот на срцето кое што само кај Македонците чука во седум осмини, ќе биде секогаш добредојден – рече Шутаров.
Во пресрет на велигденските празници, хорот „Менада“ се претстави со пригодна програма составена од 8 духовни песни, неколку хорски обработки на македонски шлагери и една фолклорна тема од тетовското поднебје, кои го исполнија просторот на Центарот со една исклучително свечена и топла емоција.

Не помалку внимание предизвика и големата ретроспективна изложба „Два конца парај“ составена од 50 дела од Друштвото на ликовни уметници Македонци во Србија, за која беше изготвен пригоден каталог и плакат. Изложбата ќе може да биде погледана и на следниот значаен настан во организација на македонскиот КИЦ во Белград, а тоа е одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, на 5 Мај во 19 часот.