ПРВ.мк

Концерт на Солунската филхармонија ќе се одржи во Скопје и на македонската во Солун

Концерт на Солунската филхармонија ќе се одржи во Скопје и на македонската во Солун
VERO Banner

Државниот симфониски оркестар од Солун на 17 мај, со почеток во 19:30 часот, за првпат ќе настапи во салата на Македонската филхармонија. Гостувањето на овој оркестар во Скопје доаѓа по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската филхармонија во Софија, каде на 17 февруари се реализираше изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

Менаџментот на Македонска филхармонија е во финални преговори и за концерт на Македонската филхармонија во Солун.

– На заедничката средба во Солун, во октомври минатата година, со г-дин Најден Тодоров, директор на Софискатата филхармонија, и г-дин Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар од Солун го договоривме концертот во Софија, и разговаравме овој концерт да се повтори и кај нас и во Грција. Во меѓувреме со г-дин Папанас го договоривме настапот на Солунската филхармонија во Скопје, а во финални преговори сме и за нашиот концерт во Солун, кој треба да се реализира кон крајот на јуни. Во меѓувреме ќе потпишеме и меморандум за соработка помеѓу двете институции. Ова е уште една потврда дека културата руши бариери и создава и гради нови пријателства и можност за идни заеднички соработки – истакнува Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонија.

Како солисти на концертот на Солунската филхармонија ќе настапат нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески и грчката сопранистка Мирто Папатанасиу.

Диригент е Владимирос Симеонидис од Грција, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар во Ге-дур од Морис Равел, „Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Риадис, известија од НУ Филхармонија.

Agria
Stenton
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран