Времето истекува за украинските сили кои се борат во рускиот регион Курск, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој нагласи дека понудата за поштедување на животите на украинските војници сè уште е на маса, но дека таа нема да биде достапна засекогаш, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја побарал поддршката од рускиот лидер Владимир Путин за да се спасат животите на украинските војници, кои се верува дека се опколени во Курск. Путин, кој ја нареди инвазијата на Украина во февруари 2022 година, се согласи да ги поштеди животите на украинските војници од „хуманитарни причини“, но побара украинското раководство да им нареди на војниците во регионот Курск да го положат оружјето и да се предадат.
Руското Министерство за одбрана денеска објави дека руските сили ја вратија контролата над селата Рубаншчина и Заолешенка во регионот Курск, јавува Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски индиректно призна дека војската ќе мора да се повлече од областа. „Ситуацијата е многу тешка. Можам само да им се заблагодарам на нашите борци за оваа операција, која ја исполни својата мисија“, изјави Зеленски пред новинарите.
Украина ја пренесе војната на руска територија со ненадеен напад минатиот август. Почетната оправдувачка причина за овој потег беше можноста за размена на дел од територијата во замена за окупирани украински области, во случај на преговори со Русија. Русија ги засили своите напори да ја истера украинската војска од Курск, каде што таа окупираше околу 100 населени места.