На Волстрит берзанските индекси втор ден по ред забележаа благ раст, но трговијата остана претпазлива поради неимпресивните економски показатели и исчекувањето на конечните одлуки на Вашингтон за царините.
Dow Jones порасна за 0,01% на 42.587 поени, S&P 500 се зголеми за 0,16% на 5.776 поени, додека Nasdaq забележа раст од 0,46% на 18.271 поен.
Иако индексите продолжија нагоре, темпото е значително поспоро отколку во понеделник, кога инвеститорите беа охрабрени од сигналите од Белата куќа за можноста за флексибилност во врска со царините.
Трамп и новите царини
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за сите земји кои наплаќаат царини на американски производи.
Сепак, во последните денови тој навести дека може да има исклучоци, дека царините можеби ќе бидат пониски од првично најавените и дека нема да важат за целокупниот увоз.
Берзите веќе со недели се под притисок поради трговските конфликти што Вашингтон ги води на повеќе фронтови – со Канада, Мексико, Кина и Европската унија.
Многу земји најавија контрамерки доколку САД воведат нови царини, што ја зголеми загриженоста кај инвеститорите дека трговската војна би можела да ја зголеми инфлацијата и да нанесе штета на глобалната економија.
Забавување на економскиот раст во САД
„Не очекувам дека ситуацијата со царините ќе биде појасна во наредните денови. Инвеститорите очајнички се надеваат на јасност, а дел од неа можеби ќе дојде на 2 април“, вели Рос Мејфилд, стратег во Baird.
Внимателноста на инвеститорите дополнително ја зголемуваат макроекономските податоци, кои покажуваат забавување на економскиот раст во САД.
Ова го потврдува и подпросечниот обем на тргување – на американските берзи вчера беа разменети околу 13 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 16,4 милијарди.
И европските берзи вчера забележаа раст. Лондонскиот FTSE порасна за 0,30% на 8.663 поени, франкфуртскиот DAX скокна за 1,13% на 23.109 поени, а парискиот CAC се зголеми за 1,08% на 8.108 поени.