Просечната нето-плата во февруари изнесувала 43.053 денари – највисока во ИТ секторот
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Република Северна Македонија во февруари 2025 година достигна 43.053 денари, соопшти Државниот завод за статистика.
Во споредба со истиот месец минатата година, платата е зголемена за 9,6 проценти. Ваквото зголемување најмногу се должи на порастот на платите во неколку клучни сектори: дејности поврзани со недвижен имот (зголемување од 16,6%), преработувачката индустрија (11,5%) и образованието (11,4%).
На месечно ниво, односно во споредба со јануари 2025, зголемување на просечната плата е забележано во секторите: информации и комуникации (4,0%), дејности поврзани со недвижен имот (3,9%) и преработувачка индустрија (2,5%).
Највисока просечна нето-плата во февруари е регистрирана во ИТ секторот – 83.409 денари, додека најниската останува во угостителството, каде просечната плата изнесува 30.453 денари.