Најновото истражување на платформата Numbeo, објавено од порталот RankingRoyals, нуди интересен увид во просечната месечна нето заработка во 50 земји за 2024 година. Станува збор за износи што ги добиваат работниците по одбивањето на данок.
На врвот на листата се наоѓа Швајцарија, каде што просечната нето плата достигнува околу 6.099 евра месечно. Веднаш зад неа се Луксембург со 5.306 евра и САД со 4.048 евра. Во топ 10 се вбројуваат и Исланд (3.645 €), Катар (3.529 €), Сингапур (3.451 €), Хонг Конг (3.376 €), Данска (3.312 €), Австралија (3.200 €) и Холандија (3.130 €).
На другата страна од листата – односно меѓу државите со најниски плати меѓу развиените – се Полска (1.361 €), Чешка (1.396 €), Естонија (1.424 €), Малта (1.434 €) и Словенија (1.435 €).
Истражувањето открива и некои интересни несразмери меѓу економската моќ на земјите и реалната заработка на граѓаните. На пример, дел од Г7 земјите – како Јапонија (1.964 €), Италија (1.556 €) и Шпанија (1.651 €) – се најдоа во долниот дел од листата.
Листата вклучува и значајни азиски и блискоисточни економии. ОАЕ бележи просечна плата од 2.882 €, Кувајт – 2.831 €, а Израел – 2.739 €. Јужна Кореја (2.083 €) и Тајван (1.486 €) имаат нешто поскромни резултати.
Податоците јасно ја отсликуваат економската нерамнотежа во светот и потенцираат колку е важно да се размислува за реформи што ќе ја подобрат куповната моќ и ќе обезбедат подобар животен стандард за граѓаните.