ПРВ.мк

Минимална плата од 500 евра?

Минимална плата од 500 евра?
Jumbo Banner

Минимална плата од 500 евра – само пуста желба или реалност?

Синдикатот „војува“ на неколку фронтови. Крајната цел е поголема плата за работниците коишто едвај врзуваат крај со крај, поради енормниот пораст на цените на храната.

Додека минималецот во Европа во некои земји рипна и над 2.000 евра, за македонските работници минимална плата од 500 евра сè уште е само пуста желба. И покрај упорните барања на Сојузот на синдикатите (ССМ) за пораст на минималната плата, како и за раст на сите плати за 6.000 денари, тешко оди битката за повисок стандард на најниско платените работници. Синдикатот „војува“ на неколку фронтови. Крајната цел е поголема плата за работниците коишто едвај врзуваат крај со крај, поради енормниот пораст на цените на храната.

Волја има – ќе има ли напредок во преговорите?

Првиот синдикалец Слободан Трендафилов деновиве седна на разговори со владини претставници и ги повтори барањата за зголемување на минималната плата на 500 евра, откако претходно Владата сама донесе одлука со која минималецот се зголеми за 1. 800 денари.

Од Владата порачаа дека ќе го прифатат секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите што ќе биде постигнат во рамки на економско-социјалниот дијалог. Најавите се дека во наредните денови треба да се утврди репрезентативноста на синдикатот и ќе почне со работа Економско-социјалниот совет.

ELS
денари, плата, пари
денари, плата, пари

Зошто минималната плата треба да расте

Според Марјан Петрески од Фајнанс тинк, минималната плата треба да расте, бидејќи нејзината примарна функција е да го зачува животниот стандард на најниските приматели на плата. „Како процент од просечната плата веќе се доближува до 60 проценти и мислам дека е соодветна“, оцени деновиве Петрески.

„Кога зборуваме за минималната плата треба да внимаваме на два аспекта – што дополнителниот товар ќе значи за економијата и за оние што треба тие плати да ги исплаќаат или што ќе значи за буџетот ако тој товар се префрла таму. Вториот аспект е што поголемата маса на средства во економијата може да предизвика за цените, односно за инфлацијата. Во моментов движењата се поволни, во последниот месец имаме подобрување во смисла на намалување на цените и вкупно и особено кај храната и мислам дека политиките треба да бидат особено внимателни за таквиот тренд да не се наруши“, вели Петрески.

Каде има најмала, а каде најголема минимална плата?

Најновите податоци на Евростат покажуваат дека најниска минимална плата  во ЕУ  во јануари била исплатена во Бугарија – 551 евро, додека највисока во Луксембург – 2.638 евра. Минималната плата е законски утврдена во 22 од 27 земји-членки на ЕУ, а исклучок се само Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска.

Во десет земји минималната плата е пониска од 1.000 евра. Освен Бугарија, најдолу на листата се и Унгарија (707 €), Латвија (740 €), Романија (814 €), Словачка (816 €),  Грција (968 €) и Хрватска (970 €). Над 1.500 евра минимална плата исплаќаат Франција (1.802 €), Белгија (2.070 €), Германија (2.161 € бруто плата), Холандија (2.193 €), Ирска (2.282 €) и Луксембург (2.638 €).

Согласно законското усогласување, минималната нето плата во  Северна Македонија  изнесува 24.379 денари, односно 36.037 денари бруто плата.

Битка на неколку фронтови

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), минатиот месец на маса стави предлог заутврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. ССМ предложи работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие 6.000 денари во период до 12 месеци.

Работодавачите, пак, излегоа со свои аргументи зошто ваквиот предлог не е прифатлив. „Нашиот став е – ништо повеќе од законското усогласување на минималната плата, затоа што и на тој начин ќе бидеме со највисок однос на минималната во однос на просечната плата во ЕУ, кој е некаде околу 59 проценти. Европската директива им препорачува на земјите-членки тој однос да се движи околу 50 проценти, а ние дури во законот имаме уште една одредба, по инсистирање на синдикатот, дека не може да биде понизок од 57%. Сега сме над таа граница“, изјави неодамна за ДВ, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Во меѓувреме, покрај отпорот на работодавачите, ССМ се соочи и со синдикални поделби. Два од синдикатите се спротивставија на овие барања. „Работниците во Македонија немаат толку голем проблем со Владата, колку што имаат со останатите синдикати. Единствено ССМ ги истакна барањата на работниците, вклучително растот на минималната плата, растот на сите останати плати, како и почитувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор и потребата од зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти. Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата“, изјави деновиве првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.

Пресметките на ССМ покажуваат дека минималната синдикална кошница рипна до 63.000 денари, со што граѓаните ниту со две и пол минимални плати не можат да ги покријат основните трошоци за живот. Владата, пак, скрои нова потрошувачка кошница во која нема да влезат трошоците за алкохол, цигари и летување во странство.

„Тоа го сметаме за луксуз. Исто така нема да има овошје кое не е карактеристично за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци и релевантни цени на производи и податоци од повеќе маркети. Никој не го скратува правото на одмор, но, сепак одењето на одмор во странство не може да си го обезбеди секој граѓанин во земјава. Сметаме дека не е еден од податоците кој треба да влезат во пресметката на просечната потрошувачка кошничка“, изјави во петокот (11.04) заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

По протестот на 2 април, синдикатите на 1 Мај повторно ќе излезат на улица и на Меѓународниот ден на трудот ќе ги повторат своите барања за пораст на минимална плата, како и за раст на сите плати во земјата.

Agria
Stenton
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран