Силни експлозии го потресоа Техеран и повеќе ирански градови рано утринава, откако Израел и САД започнаа координирани напади врз цели во земјата, јавува CNN. Американскиот претседател Доналд Трамп во видео-обраќање потврди дека Вашингтон официјално започнал воена кампања против Иран.
Во осумминутната порака објавена на социјалните мрежи, Трамп порача дека целта е „елиминирање на непосредните закани“ кон американските граѓани, војници и сојузници. Според него, активностите на Техеран претставуваат директен ризик за американските бази и интереси ширум светот.
Американски официјален претставник изјавил дека ударите биле насочени кон воени објекти, со фокус на неутрализирање на иранските капацитети и заштита на американските сили во регионот. Претходно биле засилени мерките за безбедност на Блискиот Исток.
Оваа ескалација следува по недели тензии, закани и воени подготовки. Трамп претходно најавуваше можност за интервенција поради иранската нуклеарна програма и насилното задушување на протестите. Паралелно се водеа индиректни разговори меѓу двете страни, додека американското воено присуство во регионот се зголемуваше.
Според организацијата Human Rights Activists News Agency, илјадници луѓе загинале во протестите, додека иранските власти изнесуваат пониски бројки – податоци што не можат независно да се потврдат.
Жителка на Техеран за CNN сведочи дека видела погодени локации и авиони над градот. „Имаше силни експлозии, луѓето паничеа и бегаа“, изјавила таа, додавајќи дека атмосферата е крајно напната и неизвесна.


















