Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не пронашол неправилности во водењето на медицинската документација во случајот со новороденчето што почина на 1 октомври, соопшти директорот Кирил Лазов.
Лазов појасни дека, при вонредниот надзор, било утврдено дека родилката била примена како итен случај на 28 септември, а следниот ден родила со царски рез. Новороденчето било префрлено на интензивна нега поради респираторни компликации и примало медицинска грижа според протоколите.
Од ДСЗИ најавија дека ќе побараат Министерството за здравство да формира стручна комисија за целосна анализа на медицинскиот третман, при што значајна ќе биде и обдукцијата, чиј резултат сè уште не е готов.
Во меѓувреме, Клиниката за гинекологија презела интерни мерки, додека родителите најавиле кривична пријава, а Јавното обвинителство веќе отвори предмет за случајот.
















