На денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, изнесе потресни детали за механизмот на смртта кај жртвите. Според него, доминантен фактор бил јаглеродниот моноксид, но значајна улога имале и чадот, високата температура, пренатрупаноста и паниката што довела до стампедо.
Вештакот објасни дека повредите кај преживеаните се групираат во три категории: изгореници од прв до трет степен, инхалаторни повреди од токсични гасови и жежок воздух, како и механички повреди од падови и притисок при обид за бегство.
Станков нагласи дека амбиенталните услови биле катастрофални – жежок воздух, чад, водороден цијанид и температура над 700 степени. Иако цијанидот не бил доминантен фактор, тој имал дополнително влијание врз состојбата на жртвите.
На прашање за алкохолот и психотропните супстанции, вештакот посочи дека тие можеле да влијаат на способноста за расудување, но дека во конкретниот случај многу повеќе фактори ја отежнале евакуацијата.
Семејствата на загинатите остро реагираа на медиумските објави со конкретни имиња од доказните материјали. „Ова не е новинарство, ова е злоупотреба на туѓа трагедија. Зад бројките стојат животи, лица и семејства. Ова е болка што не поминува,“ изјави Маја Крстеска Коларов.
Судењето продолжува на 6 мај со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството. Пожарот на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, однесе 63 животи и остана запаметен како една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија.






