Министерството за внатрешни работи соопшти дека во изминатото деноноќие се регистрирани седум случаи на семејно насилство, при што три лица се лишени од слобода.
Во гостиварско село, на 22 март околу 00:30 часот, 43-годишниот Б.С. бил приведен по пријава од сопругата дека ја нападнал во семејниот дом. По документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Во Неготино, на 21 март во 16:20 часот, 73-годишен маж бил приведен откако физички ја нападнал својата 72-годишна сопруга со тврд предмет и ѝ се заканувал на нивната 26-годишна ќерка. При интервенцијата било утврдено дека сторителот бил под дејство на алкохол, со измерени 1,20 промили во крвта.
Во Скопје, истиот ден во 13:05 часот, полицијата го лишила од слобода 37-годишниот И.К., по пријава од неговата 19-годишна партнерка дека ја нападнал и ѝ упатувал закани по животот.
Дополнително, во Гевгелија, 31-годишна жена пријавила дека била физички нападната од сопругот, додека во Струмица 37-годишна жена пријавила напад од својот сопруг.
Во Скопје се регистрирани уште два случаи – 43-годишна жена пријавила напад од сопругот во домот, а 48-годишна жена била претходно нападната од сопругот.


















