Ирак донесе драматична одлука и целосно го затвори националниот воздушен простор по почетокот на воени дејствија од страна на САД и Израел против Иран. Потегот следуваше откако израелскиот министер за одбрана Израел Кац соопшти дека е извршен „превентивен напад“ со цел, како што рече, да се отстранат безбедносни закани кон Израел.
Во меѓувреме, Амбасадата на САД во Катар издаде итна наредба сите вработени да се засолнат, а истата препорака им беше упатена и на американските државјани во земјата. Напнатоста во регионот нагло се зголеми по утринските напади.
Израел прогласи вонредна состојба на целата територија. Според изјавите на Кац за израелските медиуми, операцијата има за цел да спречи идни закани, додека граѓаните беа предупредени да останат во близина на засолништа поради можност од ракетни напади. Сирени за тревога одекнуваа низ повеќе градови.
Од иранска страна, медиумите објавија дека се слушнале најмалку три силни експлозии во централниот дел на земјата. Детонации биле регистрирани и северно и источно од Техеран, како и во градовите Исфахан, Караџ и Керманшах.
Ситуацијата останува неизвесна, а меѓународната заедница внимателно ја следи ескалацијата што може да предизвика поширока регионална криза.


















