ПРВ.мк

Разбиена мафија од 43 лица: Украдени над 3 милиони денари

Разбиена мафија од 43 лица: Украдени над 3 милиони денари

Неверојатна измама потресе јавноста: Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 43 лица за масовна измама со брзи кредити, при што со фалсификати и украдени лични податоци се прибавени над 3 милиони денари.

Меѓу осомничените се наоѓа и вработен во Фондот за здравствено осигурување, кој имал клучна улога во криминалната шема – преку службениот компјутер вадел податоци за граѓани, вклучувајќи го и Единствениот здравствен број, и ги предавал на групата за да поднесуваат барања за кредити без знаење на вистинските лица.

Обвинителството веќе поведе истрага за четворица осомничени, на кои им се ставаат на товар фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. За тројца се бара притвор, додека еден веќе е приведен за друго кривично дело.

Според обвинителството, измамите започнале во јули 2022 година, кога осомничените организирано поднесувале апликации за брзи кредити, користејќи фалсификувани податоци за вработување и електронски потписи. Парите ги извлекувале од сметки и ги предавале на организаторите.

Vero

Во некои случаи, на еден ден земале и по неколку кредити од различни кредитни друштва. Осомничените лажирале и дека невработени лица се вработени и кредитоспособни, што дополнително ја отежнувало наплатата на кредитите.

Фондот за здравство излезе со реакција, најавувајќи строги мерки за зголемување на ИТ-безбедноста и „нулта толеранција“ за криминално однесување во своите редови.

Овој скандал покажува колку лесно може да биде злоупотребен дигиталниот идентитет на граѓаните и колку е неопходна зголемена заштита на личните податоци. Истражните органи продолжуваат со работа за целосно расчистување на случајот и изведување на сите виновни пред лицето на правдата.

Agria