Утрешниот ден е „да се биде или не“ за Љупчо Палевски-Палчо и неговите соработници. Додека јавноста сè уште ги лечи раните од грозоморните настани кои ја завија земјата во црно, одбраната на обвинетите утре излегува пред Апелациониот суд со една единствена цел: целосно поништување на притворот и пресудата!
Адвокатскиот тим на првоосомничениот и останатите инволвирани во грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, утре ќе се обиде да ги убеди судиите дека досегашната постапка е полна со пропусти. Тие бараат укинување на мерките, тврдејќи дека нема доволно докази за нивно задржување, додека Палевски упорно ја користи секоја прилика да ја прокламира својата „невиност“ и да тврди дека целиот случај е политичка конструкција.
Овој судски процес се смета за еден од најважните во историјата на независна Македонија. Додека обвинетите поднесуваат жалби и бараат слобода, граѓаните со неверување следат дали е можно вакво сурово дело да добие правен пресврт. Обвинителството е децидно – доказите се цврсти, а трагите водат директно до групата предводена од Палевски.
Секоја одлука на Апелација која би значела олеснување на позицијата на обвинетите би можела да предизвика вистински револт кај народот. Утрешната седница не е само формалност, туку клучен момент кој ќе покаже дали македонското судство има сила да го истера овој случај до крај или ќе дозволи правни маневри да го одложат соочувањето со вистината.










