Маргита Стефановиќ Маги, препознатлива клавијатуристка на култната група Екатарина Велика, за многумина претставуваше симбол на југословенската рок сцена и уникатна уметничка појава која остави длабока трага во музиката. Често беше нарекувана прва и последна вистинска рок хероина од поранешна СФРЈ. Нејзиниот живот, и покрај славата, заврши прерано – на само 43 години.
Позната меѓу фановите и критичарите како „Црната принцеза“, Маги беше дел од новиот бран кој ја одбележа музичката сцена во осумдесеттите години. Нејзиниот талент и сценска харизма ја направија икона, но зад успехот се криела тешка лична борба. Со години се соочувала со зависност од дрога, која постепено ја оттурнала од јавноста и од луѓето околу неа.
Во последните години од животот, нејзината ситуација драстично се влошила. Се преселила во напуштен простор во предградието на Белград, живеејќи изолирано и без поддршка. Подоцна останала без дом и извесен период поминала во прифатилиште за бездомници. Иако зад себе не остави материјални добра, нејзиното музичко наследство и влијание остануваат силно присутни.
Маги беше дел од ЕКВ сè до 1994 година, односно до смртта на фронтменот Младен Младеновиќ и распаѓањето на бендот. По тоа продолжи да се занимава со музика, но личните проблеми станале поизразени, особено по смртта на нејзиниот татко, што дополнително влијаело врз нејзината зависност.
И денес нејзиниот живот предизвикува интерес и различни гледишта. За едни, таа е врвна уметница која го обележала времето во кое творела, додека за други е пример за трагичен пад поради зависноста. Нејзината приказна повторно беше актуелизирана со објавувањето на биографијата „Маги, како да беше некогаш“, како и со краткиот музички филм „Ангел на клавијатури“, посветен на нејзиниот живот и дело.











