На 9 јануари 2026 година во 19:30 часот, полициски службеници од ПС за гранични работи Охридско Езеро, во координација со рибочуварска служба и во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Запад, лишија од слобода две лица од село Пештани, охридско.
При контрола на водите на Охридското Езеро, за време на забраната за лов на риба од видот пастрмка, белвица и јагула, на околу 100 метри од брегот бил затекнат чамец со двете лица. Во него биле пронајдени шест рибарски мрежи со вкупна должина од околу 720 метри и улов од 585 риби белвица со вкупна тежина од 106,8 килограми.
Јавниот обвинител бил известен, а лицата биле лишени од слобода и донесени во полициската станица за понатамошна постапка. Пловниот објект и мрежите биле одземени, додека уловот, по проценка на Хидробиолошкиот завод Охрид и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, бил утврден како расиплив и со полициско присуство бил уништен на соодветно место преку Здружение на ловци Охрид.
















