Српскиот претседател, Александар Вучиќ, објави дека имал добар разговор со рускиот претседател, Владимир Путин.
„Имав многу добар разговор со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во кој ги разгледавме сите важни аспекти на нашата билатерална соработка, а исто така потврдивме и претстојната средба на 9 мај во Москва“, изјави Вучиќ.
Тој нагласи дека разговорите се однесувале на политичката соработка, како и на потребата за продолжување на закрепнувањето на трговската размена и економската соработка. Вучиќ додава дека било зборувано и за договорот за снабдување со гас, како и за актуелната ситуација во Босна и Херцеговина.
„Една од клучните теми беше ситуацијата во регионот. Му ја пренесов пораката од претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Путин ја разбира ситуацијата во регионот и ги гледа обидите и потезите на високиот претставник во БиХ, кои имаат за цел да го соборат Додик. Руската Федерација секогаш го поддржувала Дејтонскиот договор и Република Српска. Сакам да кажам и дека луѓето во Србија се загрижени за обидот за шарена револуција, и разговарав со Путин за тоа. Му се заблагодарив што руските власти не го поддржуваат тој обид. Путин имаше јасен и прецизен став дека Русија ја разбира ситуацијата и дека ќе продолжи да ја поддржува легитимно избраната влада во Србија“, изјави Вучиќ.
Претседателот Вучиќ ќе ја посети Русија на 9 мај, по повод 80-годишнината од победата над фашизмот.