Во Тузла вечерва се случи вистинска трагедија кога пламен за неколку минути го зафати домот за стари лица, оставајќи зад себе ужасни сцени. Според првичните информации, во катастрофалниот пожар животот го загубиле најмалку девет лица.
Пожарот избувнал ненадејно, а зградата била зафатена од густи облаци чад пред екипите за интервенција да успеат да пристигнат. Медицинските служби потврдија дека најмалку пет лица се пренесени во Универзитетскиот клинички центар во Тузла, каде се борат за живот, а бројот на повредени и жртви сè уште не е конечен.
Пожарникарите, заедно со припадници на Министерството за внатрешни работи на кантон Тузла, веднаш излегоа на терен и по долга и тешка битка успеаја да го локализираат пожарот. Во моментов се работи на утврдување на причините за избувнувањето на овој трагичен инцидент, кој ја потресе цела Босна и Херцеговина.
Очевидци опишуваат сцени исполнети со паника, крикови и чад, додека спасувачките екипи се обидувале да извлечат колку што е можно повеќе жители од огнената стихија. Властите најавија дека наскоро ќе објават повеќе информации за точниот број на жртви и причините за несреќата.
















