Градот Суфли во североисточна Грција се наоѓа во состојба на висока подготвеност откако се урна брана на фармата Корнофолија, што предизвика масовни поплави, пренесува Kathimerini.
Пукањето на браната довело до неконтролирано излевање на вода, која поплавила повеќе од 5.000 хектари земјоделско земјиште. Поплавите уништиле посеви и сериозно ги загрозиле приходите на локалните земјоделци.
Властите веднаш вовеле рестрикции за движење во погоденото подрачје со цел заштита на населението и спречување на дополнителни штети. Градоначалникот на Суфли, Панајотис Калакикос, изјавил дека штетите се „огромни“.
Особена загриженост постои за подрачјето Лавари, а ситуацијата дополнително може да се влоши поради најавените врнежи во Бугарија, кои би можеле да го зголемат нивото на водата во наредните часови.
Критично и во Турција
Поплавите ја зафатиле и источната страна на реката Еврос во Турција, каде се пријавени проблеми во градот Едрене.
Уривањето на браната во Корнофолија повторно ја истакна ранливоста на регионот на екстремни хидролошки појави. Според медиумите, неопходни се итни проекти за заштита од поплави со цел да се обезбеди долгорочна сигурност на локалното население и економијата.
















