ПРВ.мк
Балкан

Србија оди на избори: Вучиќ најави два можни датуми, студентите се подготвуваат за пресметка

Србија оди на избори: Вучиќ најави два можни датуми, студентите се подготвуваат за пресметка

Србија се приближува кон нови парламентарни избори, а претседателот Александар Вучиќ најави дека тие би можеле да се одржат на 18 или 25 октомври. Точниот датум, според неговата најава, треба да биде познат во наредните денови.

Изборите подолго време се едно од главните барања на студентите во блокада, кои веќе околу година и пол вршат притисок врз власта. Вучиќ досега во повеќе наврати најавуваше можност за нивно распишување.

Во меѓувреме, неговите активности на терен сè повеќе наликуваат на предизборна кампања. Тој патува низ Србија, се среќава со граѓани и најавува решавање локални проблеми, како и изградба на патишта, мостови и водоводна инфраструктура.

Политикологот Александар Ивковиќ за Дојче веле оценува дека постојат повеќе сигнали оти изборите навистина би можеле да се одржат во октомври. Меѓу нив ги посочува зголемената активност на Српската напредна странка, но и најавената парична помош за граѓаните во септември.

Според Ивковиќ, Вучиќ и претходно организирал обиколки и средби со граѓаните и во периоди кога немало избори, но интензитетот на активностите во последните недели укажува дека овојпат тие се дел од подготовките за гласањето.

Тој смета дека кампањата првенствено е насочена кон досегашните гласачи на СНС и Вучиќ, со цел повторно да се мобилизира нивната поддршка.

Научниот соработник на Етнографскиот институт во Белград, Иван Ѓорѓевиќ, пак, оценува дека ваквиот начин на водење кампања е обид власта да го одржи својот рејтинг пред изборите.

Ѓорѓевиќ смета дека не треба да се потцени фактот дека Вучиќ и понатаму располага со значително избирачко тело. Сепак, тој е критичен кон начинот на кој се организираат средбите со граѓаните, нарекувајќи ја кампањата „циркуски караван“ и оценувајќи дека режираните дијалози не оставаат впечаток на вистинска комуникација.

Доколку изборите навистина бидат распишани за октомври, Србија ќе влезе во политички особено важен период во кој на тест ќе бидат поддршката за власта на Вучиќ, но и политичката тежина на повеќемесечните студентски протести.