ПРВ.мк
Балкан

Се воведува ново правило за возачите: Без ова во автомобилот – нема влез во Грција!

Се воведува ново правило за возачите: Без ова во автомобилот – нема влез во Грција!

Од 18 јуни 2026 година, сите возила што се движат во Грција ќе мора да поседуваат комплет за прва помош кој ги исполнува значително построгите технички стандарди. Станува збор за нови правила кои детално ја пропишуваат содржината на комплетот, при што тој мора да содржи точно утврдени 16 елементи.

Според новите прописи, комплетот треба да биде усогласен со стандардот DIN 13164:2022 или соодветен ISO стандард. Ова значи дека повеќе не е доволно да имате било каков прибор за прва помош, туку истиот мора да биде комплетен, проверен и според строго дефинирани критериуми. Меѓу задолжителните работи се вклучени термално спасувачко ќебе, медицински маски, ракавици за еднократна употреба, стерилни завои, облоги за изгореници и ножици наменети за прва помош.

Подетално, комплетот треба да содржи: термално ќебе, ролна медицинска лента, сет фластери, стерилни завои во три различни големини (мал, среден и голем), облога за изгореници или стерилна газа, облоги за рани, еластични завои (тесни и широки), триаголна марама, ножици, четири медицински ракавици за еднократна употреба, две влажни марамчиња за кожа, две медицински маски од тип IIR или FFP2, како и упатство за укажување прва помош. Секој елемент мора да има CE-ознака, да биде во важечки рок и да се чува на лесно достапно место во возилото.

Доколку при контрола се утврди дека комплетот е нецелосен или не ги исполнува пропишаните стандарди, предвидена е казна од 30 евра. Затоа, најпрактично решение за возачите е да набават готов комплет со ознака DIN 13164:2022 и внимателно да проверат дали ги содржи сите задолжителни елементи, особено термалното ќебе и медицинските маски, кои се меѓу клучните новини.

Покрај ова правило, Грција веќе воведе и дополнителни мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Во дел од урбаните средини е поставено ограничување на брзината од 30 километри на час, а во поголемите градови се користат и напредни, таканаречени паметни камери за детектирање на сообраќајни прекршоци.

Овие промени се особено важни за македонските возачи, особено во пресрет на летната сезона кога значително се зголемува бројот на патувања кон грчките туристички дестинации. Затоа, пред да тргнете на пат, неопходно е внимателно да проверите дали опремата што ја имате во автомобилот навистина ги исполнува новите правила, за да избегнете непријатности и дополнителни трошоци.