Утрово во Загреб настана вистинска вознемиреност откако полицијата нареди итна евакуација на неколку големи трговски центри поради дојави за поставени експлозивни направи. Заканите, според првичните информации, биле испратени на адреси на повеќе медиуми, што дополнително ја зголеми сериозноста на ситуацијата.
Меѓу објектите кои беа испразнети се Arena Centar, Avenue Mall Zagreb и City Center one East, од каде посетителите и вработените беа итно изведени надвор додека траат безбедносните проверки.
Според сведоштва на очевидци, околу 8 часот наутро се активирале алармите, по што веднаш реагирале полициските сили. Влезовите на трговските центри биле обезбедени, а на терен биле распоредени службеници кои не дозволувале пристап додека трае проверката.
Од загрепската полиција засега даваат ограничени информации, посочувајќи дека акцијата е во тек и дека се преземаат сите неопходни мерки за проверка на наводите. Детали за природата на заканите или можни осомничени сè уште не се соопштуваат.
Ситуацијата внимателно се следи, а повеќе информации се очекуваат откако ќе завршат деталните безбедносни контроли на сите локации.










