Деновиве Комитетот на министрите на Советот на Европа, извршниот орган на организацијата, на ниво на делегати расправаше за спроведувањето на пресудите на ЕСЧП, меѓу нив и за пресудата „Дом на македонската цивилизација“ и другите против Грција, донесена на 9 јули 2015 и правосилна односно конечна на 9 октомври 2015 година
Советот на Европа врши притисок во насока на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права за правата на Македонците во Бугарија и во Грција
Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) што се однесуваат на правото на Македонците во соседна Бугарија и Грција слободно да се здружуваат и собираат е класифицирано како „сложен проблем“, најмногу поради упорното одбивање на судовите на двете земји да ги спроведат пресудите на Судот од Стразбур, односно да ја почитуваат Европската конвенција за човекови права, која двете земји ја имаат прифатено. Но кога се однесува на припадниците на македонското малцинство, нивното признавање како малцинство или, пак, почитувањето на нивните индивидуални и колективни права, двете земји не ја почитуваат конвенцијата. Пресудите на ЕСЧП го потврдуваат тоа. Двете земји одолжуваат со спроведувањето на пресудите, криејќи се зад административни пречки и наводни семинари и конференции што се организираат за запознавање на надлежните судови, како да постапуваат во слични ситуации, но на крајот резултатот е ист – регистрациите на македонските здруженија се поништуваат.
Советот на Европа нема силни средства за да принуди една земја да ги почитува пресудите
Друг е проблемот што Советот на Европа, најстарата паневропска меѓувладина организација на Стариот Континент, нема силни средства за да принуди една земја да ги почитува пресудите, иако тоа сериозно го нарушува неговиот углед. Следењето на пресудите се претвора во долга процедура, која трае повеќе години, иако според статутот на Советот на Европа можно е активирање на некои негови членови, кои можат привремено да суспендираат една земја членка кога не ги почитува пресудите. Но во многу големи земји членки на Советот на Европа сѐ почесто се доведува во прашање улогата на Европскиот суд за човекови права кога неговите пресуди одат против таканаречените „национални интереси“, затоа можеби има и толеранција кон другите, што доведува до впечатокот на „двојни аршини“.
Деновиве Комитетот на министрите на Советот на Европа, извршниот орган на организацијата, на ниво на делегати расправаше за спроведувањето на пресудите на ЕСЧП, меѓу нив и за пресудата „Дом на македонската цивилизација“ и другите против Грција, донесена на 9 јули 2015 и правосилна односно конечна на 9 октомври 2015 година.
Потсетување на случајот во кој грчките власти одбиваат да го
регистрираат здружението „Дом на македонската цивилизација“
Терминот „македонски“ во Грција бил „во спротивност со јавниот мир“!?
Случајот се однесува на одбивањето на грчките власти да го регистрираат здружението „Дом на македонската цивилизација“, со образложение дека употребата на терминот „македонски“ од страна на здружението жалител и целта прокламирана во неговите статути биле во спротивност со јавната политика и ја загрозувале хармоничната симбиоза на жителите на регионот Лерин и јавниот мир во Грција (прекршување на членот 11 на ЕКЧП).
Европскиот суд забележа дека грчките судови го одбиле барањето за регистрација на асоцијацијата апликант врз основа на горе-долу истата линија на образложение како онаа усвоена од нив во случајот „Сидиропулос и други“ (чл. 38), во врска со истото здружение. Европскиот суд понатаму забележа дека „со цел да се проценат целите и потенцијалната активност на првиот жалител, домашните (грчки) судови се потпираа на фактот дека членовите 9 до 11 од Конвенцијата го вклучија поимот јавна политика меѓу легитимните цели способни да го оправдаат ограничувањето на гарантираните права. Меѓутоа, во овој случај, тие требаше да ја земат предвид и релевантната судска практика на Судот, кој се залага за регистрација на здружение, а не за претходна контрола на неговата законитост, кога националното законодавство предвидува клаузули што дозволуваат следење на неговата активност a posteriori“ (чл. 42).
Натаму, што се однесува до здружението „Центар за македонски јазик во Грција“, тоа е регистрирано во 2022 година од страна на судија на Окружниот суд во Лерин. Истото тоа имаше цел да го промовира македонскиот јазик во Грција и да го поддржи неговото воведување како изборен предмет во јавното образование. Во 2023 година Основниот суд во Лерин отфрли повеќе барања за распуштање и ја потврди регистрацијата на оваа организација, потврдувајќи ја компатибилноста на здружението со Договорот од Преспа. Меѓутоа, во 2024 година, Апелацискиот суд во Кожани нареди распуштање на здружението, сметајќи дека воведувањето на македонскиот јазик како малцински јазик е цел надвор од законската надлежност на приватно здружение, бидејќи образовната политика е одговорност на државата (пресуди бр. 82/2024 и 83/2024). Поднесени се жалби до Касацискиот суд. Така, властите нагласуваат дека достапните домашни правни лекови сè уште не се исцрпени. Апликантите сè уште не побарале да се одреди датум за разгледување на нивните жалби или да се одложи извршувањето на пресудите на Апелацискиот суд.
Второто здружение „Центар за македонски јазик во Грција“, иако го делеше своето име со гореспоменатото здружение, имаше различни цели. Во 2023 година поединци што го отфрлија постоењето на македонскиот јазик како посебен јазик од грчкиот побараа од судијата на Окружниот суд од Јанина да го регистрира нивното здружение. Тие тврдеа дека македонскиот јазик се однесува само на дијалектот на старогрчкиот, кој се зборувал во старогрчкото кралство Македонија. На 19 април 2023 година судијата на Окружниот суд Јанина го отфрли барањето, нагласувајќи дека оваа цел не е компатибилна со Договорот од Преспа, според кој македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Република С. Македонија. Со оглед на горенаведеното, властите сметаат дека националната судска практика покажува дека „домашниот правен систем не е неповолен за регистрација и работа на здруженија слични на апликантите во конкретниот случај“.