Во Босна и Херцеговина најтешката ситуација се бележи во подрачјето на Сански Мост, каде што е прогласена состојба на елементарна непогода.
Поради дождовите кои не престануваат, многу улици во Бања Лука се под вода, а поплавени се и тротоарите. Во градот се поплавени и бројни гаражи, а најкритична е ситуацијата во населбата Лазарево, каде што водата ги зафати куќите, а во некои делови на населбата има отсечени домаќинства.
Поради покачувањето на водостојот на реката Врбас, затворен е сообраќајот над Трнски мост во Лакташ.
Исто така, поради наглото покачување на водостојот на реката Сава и нејзините притоки, која се излеала во неколку населени места, во Градишка е прогласена вонредна состојба. Во некои училишта во Градишка денеска е откажана наставата.
По наглото надоаѓање на реките Велика и Мала Усора, граѓаните во Теслиќ се соочуваат со проблеми од поројни дождови, а наставата во училиштата таму е прекината.
Во Босанска Крупа, реката Крушница и неколку потоци се излеале, поплавувајќи земјоделски површини и помошни објекти.