Птичјиот грип Х5Н1 за само еден месец предизвика вистински хаос во албанската живинарска индустрија. Според официјалните податоци од Министерството за земјоделство, двете најголеми компании во земјата, „Реас“ и „АИБА“, претрпеа огромни загуби – угинаа вкупно 497.986 кокошки, а уништени се и над 975.000 јајца поради контаминација.
Жариштето на вирусот било лоцирано во областа Рашбул, кај Драч, каде што беа регистрирани и првите случаи. Заразената живина е уништена со процес на палење, но албанските власти не открија детали за точната локација.
Како последица на кризата, во цела Албанија веќе се чувствува сериозен недостиг од јајца, а цените на пазарот вртоглаво растат. Потрошувачите реагираат со загриженост, додека производителите бараат итна државна поддршка за санирање на штетите.