Вистинска драма се случи во раните утрински часови во елитен дел од српската престолнина, кога луксузен автомобил во сопственост на познатиот јутјубер Baka Prase целосно изгорел.
Станува збор за ексклузивен модел „Брабус“, чија вредност се проценува на околу половина милион евра. Возилото било паркирано во близина на неговиот дом, а пламените јазици избувнале околу 3:30 часот наутро.
Инфлуенсерот на социјалните мрежи сподели видео снимено од прозорецот на својот стан, на кое се гледа запаленото возило. Во описот кратко напиша дека причината за инцидентот била тоа што одбил да прифати одредени барања, алудирајќи на притисоци од непознати лица. Неговата објава предизвика лавина реакции и бројни пораки со поддршка од следбениците.
Набргу по инцидентот, на местото пристигнале инспектори во цивилна облека кои извршиле деталeн увид. Според информации од терен, автомобилот бил одземен и предаден на вештачење со цел да се утврдат точните околности под кои избувнал пожарот.
Случајот отвори многу прашања во јавноста, а надлежните служби продолжуваат со истрагата. Засега нема официјални информации дали станува збор за намерно подметнат пожар или за друг вид инцидент.
Јавноста внимателно ги следи случувањата и очекува нови детали.

















