Членови на највлијателната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) доставија документи кои се основа за истрага за корупција и криминални активности на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е од нејзините редови, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во своето обраќање тој ја обвини опозицијата за вандализам на улиците и напади врз полицијата.
„Никогаш не сме ги заборавиле и нема да ги заборавиме тие кои се обидуваат да не победат со нелегитимни средства и тие кои се толку очајни што ја туркаат државата во конфликт“, рече турскиот претседател во своето обраќање.
Тој рече и дека за секој обид за саботажа против турската економија, просперитетот и мирот во земјата ќе се одговара пред суд.
Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен минатата среда, а неговото апсење ги предизвика најголемите улични протести во Турција во повеќе од една деценија.
Судот во неделата одлучи дека Имамоглу треба да остане во притвор до почетокот на неговото судење за наводно основање и водење на криминална организација, давање поддршка на терористичка организација, корупција и примање мито, што тој го негира.