Фудбалската федерација на Албанија (ФШФ) доби брутална казна од Светската фудбалска федерација (ФИФА) поради инцидентите што ги предизвикаа нивните навивачи на квалификацискиот меч против Србија, одигран на 7 јуни во Тирана.
ФИФА им наложи да платат парична казна од 173.000 евра, поради навредливите скандирања кон српските репрезентативци, фрлањето предмети кон играчите, како и употребата на пиротехника. Дополнително, во соопштението од ФИФА се истакнува дека биле прекршени правилата со прекини во официјалниот дел на натпреварот, особено за време на изведувањето на националните химни.
Покрај финансиската казна, ФИФА наложи и затворање на 20% од капацитетот на стадионот за следниот квалификациски натпревар што Албанија ќе го игра против Латвија.
Овие инциденти се случија и покрај напорите на Фудбалската федерација на Албанија да ги ограничи влезот на ризични навивачи, вклучувајќи и забрана за поддржувачи од Македонија и Косово. Сепак, локалните фанови предизвикаа сериозни проблеми, што резултираше со овој строг одговор од ФИФА.
Натпреварот помина без голови, 0-0, а го проследија 20.427 гледачи.