ПРВ.мк
Балкан

Апел до граѓаните да бидат внимателни: Во тек голема потрага по осомничениот за тројното убиство

Апел до граѓаните да бидат внимателни: Во тек голема потрага по осомничениот за тројното убиство

Голема полициска потрага е во тек во Црна Гора по 30-годишниот руски државјанин Михаил Шабуњин, осомничен за тројното убиство на стрелиште во Даниловград.

Според последните информации објавени од црногорската полиција, потрагата е насочена кон подрачјето на општина Херцег Нови, каде што постојат сознанија дека се наоѓа осомничениот.

Досегашната истрага, како што соопшти полицијата, покажала дека Шабуњин од Подгорица до Херцег Нови се превезол со такси возило.

Поради тоа, на подрачјето се распоредени засилени полициски сили. Во акцијата учествуваат припадници на Регионалниот центар за безбедност „Југ“, Посебната единица и Специјалната единица на полицијата.

Во потрагата е вклучен и хеликоптер на Војската на Црна Гора, кој се користи за транспорт на специјалните полициски сили. На терен се употребува и современа техничка опрема со цел што попрецизно да се утврди движењето и локацијата на осомничениот.

Полицијата истовремено упати апел до жителите на Херцег Нови да бидат внимателни и веднаш да ги известат надлежните доколку располагаат со конкретни информации што би можеле да помогнат во потрагата.

Шабуњин е осомничен во истрагата за тројното убиство на стрелиштето „Чешка збројевка“ кај Даниловград, каде што беа пронајдени тројца мртви мажи. Претходно беше пронајдено и возило за кое постои сомнение дека било користено при бегството.

Полициската операција продолжува, а надлежните најавија дека ќе објавуваат нови информации од значење за безбедноста на граѓаните.

Осомничениот не е правосилно осуден, а неговата евентуална кривична одговорност треба да биде утврдена во понатамошната постапка.