Министерката за образование на Албанија, Огерта Манастрилиу, рече дека службениците се во контакт со Тик-Ток за инсталирање филтри за родителска контрола, како и за проверка на возраста и за вклучување на албанскиот јазик во апликацијата.
Албанската влада вчера одлучи да го затвори Тик-Ток на 12 месеци поради „содржината што ја објавува и која поттикнува насилство и малтретирање, особено меѓу децата”, објави Си-Ен-Ен.
Министерката за образование, Огерта Манастрилиу, рече дека службениците се во контакт со Тик-Ток за инсталирање филтри за родителска контрола, како и за проверка на возраста и за вклучување на албанскиот јазик во апликацијата.
– Властите одржаа 1.300 состаноци со околу 65.000 родители кои препорачaа и поддржаа затворање или ограничување на платформата Тик-Ток – рече министерката.
Албанската влада ја покрена постапката минатата година кога тинејџер избоде до смрт друг тинејџер во ноември, по расправија што започнала на Тик-Ток.
Кога премиерот на Албанија, Еди Рама, во декември изјави дека имаат за цел да ја затворат социјалната мрежа, Тик-Ток побара итно појаснување од албанската влада во врска со случајот со убиството со прободување со нож на тинејџер од негов врсник.
Рама вчера изјави дека властите на Албанија се во позитивен дијалог со компанијата и дека претставниците на Тик-Ток наскоро ќе ја посетат земјата за да понудат „низа мерки за зголемување на безбедноста на децата“.
Компанијата претходно соопшти дека „не нашла докази дека сторителот или жртвата имале профили на Тик-Ток и истакна дека бројните извештаи всушност потврдиле дека видеата што довеле до инцидентот биле објавени на платформа различна од Тик-Ток“.
Децата ја претставуваат најголемата група корисници на Тик-Ток во Албанија.
Загриженоста почна да расте кај родителите по извештаите за деца, инспирирани од содржината на социјалните мрежи кои носат ножеви на училиште или по случаите на малтретирање, поттикнати од приказните што ги гледаат на оваа платформа.
Опозицијата не се согласи со затворањето на Тик-Ток и закажа протести поради тоа за 15 март. Опозицијата смета дека забраната е „чин на нетрпеливост, страв и на терор против слободата на мислата и изразувањето“.