Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија објави алармантни податоци – оваа година јуни бил најтоплиот месец во Белград во последните 150 години, според мерењата. Температурите достигнуваат дури 42 степени, а во тек е нов топлотен бран што ќе трае до крајот на неделата.
Горан Михајловиќ, помошник-директор на РХМЗ, вели дека летото досега било екстремно поради неколку фактори: скршени температурни рекорди и речиси никакви врнежи, особено во мај и јуни – месеци кога традиционално паѓа најмногу дожд. Токму поради ова, Србија се соочи со суша и бројни пожари.
Најпогодени региони ќе бидат југот, југоистокот и истокот на земјата, каде топлото време ќе биде придружено со силен југозападен ветер, што уште повеќе ќе го засили чувството на горештина, особено во четврток и петок.
Сепак, олеснување е на повидок. Од сабота навечер, особено на северот, се најавува значително заладување, со пад на температурите од 10 до 15 степени. Неделата ќе донесе свежо време, а последната недела од јули ќе биде умерено топла, со температури од 29 до 33 степени и повремени дождови.
Но, Михајловиќ предупредува дека првите денови од август ќе донесат нов топлотен бран. Судирот на топли и ладни воздушни маси може да предизвика бури и грмотевици. Граѓаните се повикуваат на внимателност и подготовка за уште неколку дена екстремна горештина.