ПРВ.мк
Топ Вести

Министерството стави катанец на познатата компанија за брзи кредити – што ќе биде со долговите?

Министерството стави катанец на познатата компанија за брзи кредити – што ќе биде со долговите?

Министерството за финансии донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво Креди Јес, по вонреден надзор во кој биле утврдени сериозни неправилности и прекршувања на законските прописи.

Од Министерството соопштија дека постапката била покрената по пријава од граѓанин, а инспекцискиот надзор утврдил грубо прекршување на правилата за заштита на корисниците и практики кои директно ги довеле граѓаните во ризик.

„Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа“, стои во соопштението.

Според информациите, компанијата веднаш ќе ги затвори околу 40 филијали низ државата, а приближно 120 вработени веќе биле известени дека им престанува работниот однос.

Во иднина, друштвото ќе може единствено да врши наплата на веќе постоечките долгови и побарувања од граѓаните.

Креди Јес започна со работа во 2019 година и важеше за едно од попрофитабилните финансиски друштва на домашниот пазар. Според објавените податоци, минатата година компанијата остварила приходи од околу четири милиони евра и добивка од над 1,15 милиони евра.

Од почетокот на годинава, државните институции изрекле 22 глоби за 16 финансиски друштва, а во подготовка се и нови законски измени со кои се најавуваат значително построги критериуми и санкции за секторот за брзи кредити.