Летот AZ855 на компанијата „Ита Ервејз“, со „Ербас А321нео“, кој полетал од Дакар кон Рим, завршил со неочекуван и драматичен пресврт – на дестинацијата не пристигнале 155, туку 156 патници.
За време на ноќниот лет меѓу 29 и 30 април, една патничка во седми месец од бременоста започнала породување среде лет над африканскиот континент. Екипажот, според пилотот Алесандро Ванучи, не бил претходно информиран за нејзината состојба, па првите знаци на проблем се појавиле околу час и нешто по полетувањето.
Кабинскиот персонал веднаш реагирал откако жената се пожалела дека не се чувствува добро, а само неколку минути подоцна дошла итната вест – ѝ пукнал водењакот. Во помош притрчале две патнички со медицинско образование: италијанска докторка и француска медицинска сестра, кои одиграле клучна улога во породувањето на 10.000 метри височина.
Додека се одвивала интервенцијата, пилотите во кокпитот анализирале временски услови и барале најблиски аеродроми за итно слетување. Сепак, поради позицијата над изолирана пустинска област во близина на Мавританија и Западна Сахара, одлуката била сложена и барала брза проценка.
По консултации со медицинскиот персонал, екипажот донел одлука да го пренасочи авионот назад кон Дакар, каде мајката и новороденото момче биле безбедно згрижени.
Бебето добило име Мохамед Алесандро, а второто име му било дадено во чест на пилотот кој го водел летот. Пилотот подоцна изјавил дека целиот настан бил „една од најемотивните ситуации во неговата кариера“.








