Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли понудата на рускиот лидер Владимир Путин за билатерална средба во Москва, пренесува Укринформ, повикувајќи се на интервју за американскиот канал Еј-Би-Си Њуз.
Зеленски истакна дека може Путин да дојде во Киев, но тој не може да отпатува во Москва додека Украина е под секојдневни ракетни напади. „Не можам да одам во главниот град на овој терорист“, нагласи украинскиот претседател.
Тој додаде дека предлогот на Путин повеќе личи на обид за одложување на средбата отколку искрен повик за дијалог. Зеленски е подготвен да се сретне во било која форма, но само ако тоа не ја загрозува Украина.
„Ако некој не сака да се сретне за време на војна, може да понуди нешто што не би било прифатливо за мене или за другите“, рече Зеленски, истакнувајќи дека Путин „си игра со САД“.
Претходно, Путин изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски и предложи Москва како најсоодветна локација за средба, што веднаш беше одбиено од украинскиот претседател.