САД разгледуваат создавање заедничка комисија за надзор на прекинот на огнот во Украина
Според пишувањето на американскиот „Њујорк Пост“, во рамки на новиот мировен план за Украина кој го предлага претседателот на САД, Доналд Трамп, се разгледува формирање на заедничка комисија што би го следела почитувањето на прекинот на огнот.
Оваа комисија, според неименуван висок претставник од администрацијата на Трамп, би била составена од претставници на Украина, Русија и една трета земја која не е членка на НАТО. Иако деталите на мировниот договор сè уште не се финализирани, можно е договорот да опфати и распоредување на европски сили во Украина, доколку се постигне формален прекин на воените дејства.
„Најголемиот предизвик е како ќе изгледаат безбедносните сили – ние ги нарекуваме ‘сили за отпорност’“, изјавил официјалниот претставник. Според него, овие сили би биле составен дел од безбедносните гаранции што ги бара Киев, и се надеваат дека Украина ќе ги добие.
Се разгледува и опција за формирање одделни набљудувачки сили кои би ја надгледувале линијата на фронтот, осигурувајќи дека и двете страни ги почитуваат обврските за разоружување.
Иако САД нема да бидат физички присутни со воени сили на теренот, тие би учествувале финансиски и дипломатски, во соработка со трета неутрална страна, потврдил истиот извор.
Дополнително, „Вол Стрит Журнал“ објави дека во рамки на планот се разгледува можноста САД да го признаат украинскиот Крим како дел од Руската Федерација – точка која, како што се наведува, била една од најчувствителните за украинската страна за време на минатонеделните разговори со американската делегација.
Иако „Њујорк Пост“ наведува дека овие информации не можеле да бидат потврдени од независни извори, висок претставник од администрацијата изјавил дека најголема загриженост кај Киев предизвикал токму „копнениот“ дел на договорот, што подразбира можно признавање на територии под руска контрола како дел од суверената територија на Русија.