Најмалку едно лице загина, повеќе лица се повредени, а неколкумина сè уште се водат како исчезнати по тежок инцидент што се случи во фабрика за производство на хартија и пакување во американската држава Вашингтон.
Според првичните информации, несреќата настанала откако пукнал голем резервоар со хемикалии што се користеле во производствениот процес. Инцидентот предизвикал силна експлозија и паника во фабриката, по што веднаш биле испратени голем број противпожарни и спасувачки екипи.
Несреќата се случила во фабриката Nippon Dynawave Packaging Company во градот Longview. Локалните власти првично соопштиле дека станува збор за експлозија на индустриски резервоар, а спасувачките операции продолжуваат и неколку часа по инцидентот.
Шефот на противпожарната служба во Лонгвју, Scott Goldstein, изјавил дека ситуацијата е исклучително сложена и опасна за спасувачките тимови, бидејќи сè уште постојат ризици во погодениот објект.
Според досегашните информации, девет лица се повредени, меѓу кои осум вработени и еден пожарникар. Дел од нив се здобиле со сериозни и животозагрозувачки повреди, поради што биле итно пренесени во болница.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што уште девет лица се водат како исчезнати. Спасувачките екипи и натаму ја пребаруваат фабриката, но пристапот до одредени делови е отежнат поради оштетувањата и присуството на опасни материи.
Фабриката е во сопственост на јапонската компанија Nippon Paper Industries, која произведува картонска амбалажа за течности и други производи.
Надлежните објавија дека во резервоарот имало бела хемикалија што се користи во процесот на производство на хартија. Првично било наведено дека количината изнесувала околу 300.000 литри, но подоцна информациите биле коригирани и било соопштено дека во резервоарот имало дури околу 3,4 милиони литри течност.
Иако засега нема официјални информации за директна опасност за населението во околината, властите им препорачале на граѓаните да ја избегнуваат областа околу фабриката додека трае интервенцијата.
Гувернерот на државата Washington, Bob Ferguson, изрази сочувство до семејствата на жртвите и повредените.
„Длабоко сум тажен што слушнав дека има жртви. Моите мисли се со работниците, нивните семејства и спасувачките служби кои се борат со оваа тешка ситуација“, порача Фергусон.









