Најмалку 29 повредени во ноќен руски напад врз цивилна инфраструктура во Запорожје
Најмалку 29 лица се повредени во ноќен руски напад врз цивилна инфраструктура во градот Запорожје, источна Украина, соопштија локалните власти утрово.
„Во ноќниот напад на непријателот врз Запорожје повредени се 29 лица, меѓу нив и едно 13-годишно дете“, објави на Телеграм гувернерот на регионот, Иван Федоров. Според него, 12 лица се хоспитализирани, а состојбата на некои од нив е сериозна.
Мета на нападот била цивилна инфраструктура, а украинските железници соопштија дека една од нивните работилници за поправка на локомотиви во Запорожје била погодена во, како што го нарекоа, „напад од големи размери“.
Ова е уште еден во низата напади врз критична инфраструктура во Украина, кои ја влошуваат хуманитарната состојба и дополнително ја отежнуваат секојдневната работа на јавните служби.