Три рунди затворени преговори, подземни постројки и растечка недоверба – вака, според американски извори, се стигнало до одлуката Доналд Трамп да ја одобри операцијата „Епски бес“.
Американски претставници тврдат дека Иран, иако нудел одредени политички отстапки, не сакал да се откаже од клучните нуклеарни капацитети. Според нив, Техеран барал ограничено збогатување ураниум во наредната деценија – модел што, како што велат, би му овозможил значително поголем капацитет од претходниот договор од 2015 година.
Дополнителна загриженост предизвикале информациите дека дел од нуклеарните активности се преместуваат под земја, со изменета инфраструктура што би го отежнала надзорот. Американските преговарачи дури понудиле и бесплатно нуклеарно гориво за цивилни цели, со цел да го тестираат тврдењето дека програмата е исклучиво мирна. Одговорот, според нив, не бил доволно уверлив.
По третата рунда разговори, тимот на Трамп проценил дека договор во краток рок е малку веројатен. Следниот ден била донесена одлуката за активирање на операцијата, во координација со израелски сили.
Оттогаш, директна комуникација меѓу страните нема. Прашањето што останува да виси во воздухот е дали војната беше неизбежна – или дипломатската врата се затвори прерано.


















