Тешка несреќа го потресе аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, откако патнички авион на „Ер Канада експрес“ при слетување удрил во возило за итни интервенции што се наоѓало на пистата. Според најновите извештаи, животот го загубиле пилотот и копилотот, а има и повредени лица.
Инцидентот се случил доцна во неделата навечер, кога авионот пристигнувал од Монтреал. Летот го извршувала регионалната компанија „Jazz Aviation“ во име на „Ер Канада“, а во авионот имало 72 патници и четири члена на екипажот. При слетувањето дошло до судир со противпожарно возило на Пристанишната управа, кое интервенирало по друг настан на аеродромот.
По ударот, предниот дел на авионот бил сериозно оштетен, додека возилото останало превртено на пистата. Според американските медиуми, повредени се и лица кои се наоѓале во возилото, а на местото веднаш пристигнале голем број итни служби.
Поради несреќата, аеродромот привремено беше затворен, а дел од летовите беа пренасочени. Истрагата за причините ја води Националниот одбор за безбедност во сообраќајот, додека федералните и локалните служби собираат податоци за тоа како дошло до трагичниот судир.
🔽 ОД ДЕНЕС СЛУШАЈ ЈА ТВОЈАТА ОМИЛЕНА РАДИО СТАНИЦА НА ПРВ.МК 🔽



















