Иран се наоѓа во предворјето на целосен политички хаос! Додека светот со страв гледа во секој потег на Блискиот Исток, израелските медиуми пренесоа вест која го тресе политичкиот врв во Техеран: Мохамед Багер Калибаф, претседателот на парламентот и клучниот човек во преговорите со САД, си поднесе оставка!
Според извештаите на Канал 12 и Тајмс оф Израел, Калибаф буквално „кренал раце“ откако моќните генерали од Исламската револуционерна гарда почнале брутално да се мешаат во дипломатскиот процес. Во Иран веќе не одлучуваат костумите, туку униформите. Ова повлекување е јасен сигнал дека тврдата линија на војската победува, а шансите за мирен договор со Вашингтон се топат како мраз на сонце.
Целиот спор кулминирал околу една од најкритичните точки на планетата – Ормускиот Теснец. Катар понудил сензационален предлог за смирување на страстите: симетричен премин на по 20 бродови од двете страни за да се одблокира нафтата. Но, наместо мир, овој предлог донел раздор.
Калибаф, наводно, бил згрозен од притисокот и условите кои военото крило ги поставувало, сметајќи дека дипломатијата е веќе невозможна под сенката на заканите. Официјален Техеран сè уште молчи, но тишината само го потврдува стравот: ако дипломатите си заминат, остануваат само оружјата. Дали ова е последниот клинец во ковчегот на мирот? Светот го држи здивот додека Иран тоне во внатрешна пресметка на моќта.










