Реза Пахлави, синот на последниот ирански шах и еден од најпознатите опозициски фигури во егзил, објави драматична порака во која тврди дека со смртта на ајатолахот Али Хамнеи започнува крајот на Исламската Република. Во обраќање до иранскиот народ, тој оцени дека системот воспоставен по револуцијата во 1979 година влегува во завршна фаза и повика на масовна мобилизација против власта во Техеран.
Во пораката, Пахлави упати директен апел до воените, безбедносните и полициските структури да не се обидуваат да спасуваат, како што наведе, режим што се распаѓа, туку да му се приклучат на народот. Тој порача дека ова е „последна шанса“ за стабилна транзиција кон поинаква иднина за Иран и најави можност за масовно излегување на улиците.
Неговата изјава доаѓа во момент на целосна неизвесност околу состојбата во Иран, откако израелски и американски извори тврдат дека Хамнеи е убиен во заеднички удари, додека ирански претставници и медиуми тоа го оспоруваат или велат дека нема потврда. Ројтерс објави дека висок израелски претставник тврди оти телото на Хамнеи е пронајдено, но официјална и недвосмислена потврда од иранските власти сè уште нема.
Пораката на Пахлави затоа веќе се толкува како обид да се искористи евентуалниот вакуум во врвот на иранската власт и да се засили притисокот за политички пресврт.


















